На покана од П.К. Сисак, Хрватска, три наши пливачки клубови, П.К.18 Август, П.К.Скопје и П.К.Студент, учествуваа на реномираниот меѓународен пливачки митинг Сисак 2006 кој се одржа во истоимениот град од 13-14.05.2006 година.
На овој меѓународен пливачки митинг вкупно учествуваа 450 пливачи од Хрватска, Македонија и Словенија.
Во така голема и силна конкуренција нашите претставници ги потврдија своите квалитети постигнувајќи извонредни резултати. Впрочем, нашата надеж Елена Поповска, која е кандидат за Младинското Европско Првенство во пливање во Палма Де Мајорка, Шпанија и кандидат за Младинското Светско Првенство во пливање во Рио Де Жанеиро, Бразил, во сениорска конкуренција се закити со 2 сребрени и 1бронзен медал и тоа на:
- 50 м слободно (2 место) со време од 28,29
- 100м делфин (2 место) со време од 1:07,77
- 200м делфин (3 место) со време од 2:37,11
Горан Стојановски во кадетска конкуренција постигна извонредни резултати со поставување на два нови, државни, кадетски рекорда и тоа на 50м градно со време од 33,53 (4 место) и на 100м градно со време од 1:13,75 (4 место). Во дисциплината 200м градно го освои 4 место и за само 8 стотинки не успеа да го исплива државниот рекорд.
Од останатите наши пливачи Александар Јеремиќ во кадетска конкуренција во дисциплината 400м слободно го освои 3 место со време од 4:24,37, а Ненад Тасевски во пионерска конкуренција во дисциплината 400м мешано заслужено го освои 2 место со време од 5:19,11 додека во дисциплината 100м делфин беше трет со време од 1:10,99.